„Утре наутро“ е новата политичко-социјална драма на Јани Бојаџи, инспирирана од вистински настани и од комплексната македонска реалност. Филмот ја следи приказната на две семејства – едното блиско до политичката моќ, другото маргинализирано – чиите животи се прекршуваат преку настани обележани со корупција, неправда и семејна болка.
Во центарот на приказната е Аида, млада лекарка која по страшното насилство што го доживува се соочува со корумпиран судски систем што ја игнорира нејзината вистина. Паралелно, сопругата на поранешен функционер се обидува да го заштити своето семејство од политички притисок и тајни што закануваат да излезат на површина. Бојаџи ја поставува жената како тивок, но храбар носител на приказната, истакнувајќи ја нејзината сила пред неправдата.
Режијата е препознатлива: сурова, директна и емоционално набиена. Актерите, особено женските ликови, играат природно и искрено, без претерани драматизации. Камерата и музиката создаваат атмосфера на напнатост и неизвесност, со што филмот успева да ја пренесе тежината на темите што ги обработува.
„Утре наутро“ е филм што не се гледа лесно, но се памети долго. Тој потсетува дека зад големите политички случувања секогаш стојат вистински луѓе и вистински трагедии. Храбар е, провокативен и потребен – филм кој отвора прашања и предизвикува размислување.
Кога го снимав „Црна мачка, бел мачор“ со Кустурица, дојдов до состојба да оставам се’ и да заминам. Многу ми беше напорно, многу бараше од мене. Се сеќавам дека за една сцена можеби 44 пати повторувавме. „Да, јас сум многу изискателен човек, но верувај дека после овој филм, ако работиш други филмови, работата ќе ти биде лесна“, ми рече тој.
Поминаа точно три децении од неговата прва улога во „Џипси меџик“ на Столе Попов. Актерот Северџан Барјам оттогаш има снимено 15-ина улоги на филмското платно. Негова последна премиера е „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи, чија премиера е вечерва во 20 часот во киното „Синеплекс“ во Скопје.
– Овој филм е отскочната даска за еден народ, бидејќи во „Утре наутро“ Ромите се прикажани како образовани луѓе, истакнати членови на заедницата, носат убава облека, живеат во убави домови и тоа треба да ни биде репер отсега натаму какви филмови ќе одбираме да глумиме. Мене лично после филмот на Јани Бојаџи и ова негово сценарио ми се отворија нови видици и многу сум благодарен за тоа – вели Бајрам.
Каква улога имате во филмот?
– Во филмот „Утре наутро“ ја толкувам улогата на Ештреф. Ештреф е татко кој се грижи за своето семејство, пред се’. Имаат добар семеен однос, разговараат меѓу себе за се’, а според мене, тоа е најважно во едно семејство во денешно време, се грижат еден за друг, но се случува една непријатна ситуација која таткото го доведува во недоумица како да постапи. Во тие околности наоѓаат решение заедно со останатите ликови во филмот, но деталите за разрешницата ќе ги видиме вечерва на премиерата на филмот.
Каква беше соработката со колегите актери и и режисерот?
– Не само во овој филм, секаде каде сум работел на филм, имам убава соработка со колегите. Работата на филмот на Јани Бојаџи беше прекрасна, затоа што мислам дека сè зависи од тоа со какви луѓе сме опкружени. Ако во кругот има луѓе што те мотивираат и со кои напредуваш, тогаш и соработката тече убаво, но ако не е таков случајот, тогаш си во кафез. Соработката со сите, буквално со сите актери, но и останатите членови на екипата кои работеа на филмот, од шминкери, кетеринг, костими беше на завидно ниво. Со Јани Бојаџи прв пат работам на филм и задоволен сум од соработката, бидејќи се разбиравме и веднаш ми посочи која улога ќе ја толкувам, ме внесе во улогата, во приказната и се надевам дека и тој е задоволен од мене и дека ќе соработуваме и на други проекти.
Спомнавте дека Ромите во филмов не се прикажани на начин вообичаен за балканските филмови. Како Вие гледате на тој чекор во сценариото на Бојаџи?
– Досега не сум играл во филмови каде Ромите се прикажани во негативно светло. Но, сакам да истакнам дека овој филм е отскочната даска за еден народ, бидејќи во „Утре наутро“ Ромите се прикажани како образовани луѓе, истакнати членови на заедницата, носат убава облека, живеат во убави домови и тоа треба да ни биде репер отсега натаму какви филмови ќе одбираме да глумиме. Мене лично после филмот на Јани Бојаџи и ова негово сценарио ми се отворја нови видици и многу сум благодарен за тоа.
Дел од актерите зборуваат на ромски јазик и специјално учеа зафилмот. Дали добро го совладаа и кој најдобро?
– Дел од актерите говорат ромски јазик во филмот. Немав можност да бидам во иста сцена со Васил Зафирчев, имам сцени со Кети Дончевска Илиќ и Ирена Илиевска и можам да кажам дека одлично го совладаа ромскиот јазик. Со нив работеше лектор за ромски јазик и тие навистина го совладаа до степен што не само да го кажат текстот, туку вистински ги пренесуваа чувствата со точна дикција, со емоција. Има некои комплицирани зборови во ромскиот јазик, воопшто секој јазик е можеби тежок за оној што не го говори. На почетокот им беше тешко да го совладаат, но во една сцена кога Аида (Ирена Илиевска), нашата ќерка ми објаснува мене и на мајка си (Кети Дончевска Илиќ) како ја вратиле од граница, текстот го кажа толку емотивно и чисто литературно што едноставно не може да се забележи дека не го зборувала дотогаш ромскиот јазик.
Додека снимавме во Шутка имавме и една случка каде жителите беа насобрани околу екипата и гледаа додека снимавме. Слушнав дека меѓу себе се прашуваат кои се овие актерки Ромки, а потоа им објаснивме дека не се Ромки, туку Македонки. Значи тие толку добро го совладаа јазикот, што воопшто не може да се забележи дека тогаш го учеле. Искрено јас на почетокот не верував дека некоја актерка ќе успее така добро да зборува и да одигра Ромка со таква емоција, но морам да се извинам што не им верував. Многу бев горд што се зборува ромски во филмот, ми беше мило, бидејќи јас по националност сум Ром, но сум македонски актер и секаде така сум претставен и кога снимам во странство.
Што значи за Вас можноста да играте на филм?
– Филмот за мене е сон уште од мало дете. Ја имав таа желба во мене уште од најрана возраст и не знам како да ја објаснам. Кога ја добив првата улога се прашував дали е ова само почеток или почеток на крајот. Првиот филм беше „Џипси меџик“ во 1995 година, потоа снимав и други не само долгометражни филмови, спотови… Кога нешто посакуваш силно секогаш се исполнува.
Што Ви беше најголем предизвик во снимањето на филмот ,,Утренаутро”?
– Улогата ми ја даде Јани. Тој се’ ми објасни неколку месеци пред снимањето имавме многу консултации, примери, барање на локации, актерки, актери… Имаше многу прашања и тоа што знаев, му помагав. И на крајот ми ја даде мојата улога. Не ми беше тешко да одглумам. Секоја улога кога ја подготвувам, било да е голема или мала, јас секогаш се склучувам од реалност, седнувам читам и учам. Толку не сум учел за на училиште колку што учам кога подготвувам некоја улога. После веќе кога имам костим и шминка на мене пред снимањето, јас веќе немам никаква дилема, ниту страв, освен ако немам некаква идеја, па да му ја предложам на режисерот. Се случувало, особено ако е поголема улога, да предложам некогаш измена, дополнување. Со Јани одлично се согласувавме и тој е еден од режисерите со кои лесно се соработува.
Морам да кажам дека кога го снимав „Црна мачка, бел мачор“ со Емир Кустурица дојдов до состојба да оставам се’ и да заминам. Многу ми беше напорно, многу бараше како режисер од мене. Се сеќавам дека за една сцена можеби 44 пати повторувавме. Среќа што се раздени и веќе не можевме да снимаме. Јас почнав да негодувам, ама зборував на ромски, но Кустурица е искусен, не можеш да го прелажеш, сфати дека нешто не е како што треба, излезе од трејлерот се качи горе и ме праша што е работата. Му реков дека не можам повеќе, душа ми излезе, добив и пневмонија од постојано седење во вода… Тој почека да се смирам и после ми рече: Да, јас сум многу изискателен човек, но верувај дека после овој филм, ако работиш други филмови, работата ќе ти биде лесна. И навистина, досега имам снимено 15-16 филмови и навистина беше полесно.
Дали имате некој нов проект за во блиска иднина?
– Минатата година завршив четири филма од кои се очекува премиера на „Утре наутро“ на 19 ноември, премиера на „Скејтбордот не е за девојки“ и еден крaткометражен филм во Србија чија премиера се чека да се закаже. За понатаму во план е гостување со една театарска претстава во Белгија во февруари или март, а за потоа ќе видиме.
Во филмот е вклучена голема актерска екипа составена од врвни македонски актерски имиња, но и од успешни и талентирани актери од помладите генерации. Дел од екипата се Нина Деан, Ирена Трајковска, Кети Дончевска Илиќ, Васил Зафирчев, Горан Стојаноски, Бајрам Севеерџан, Владо Јовановски, Александар Микиќ, Жаклина Стефковска, Благоја Чоревски… Улогите на сестрата Тина и нејзиниот брат Борис, ги толкуваат младите актери Јана Никодиновска и Гоце Андонов со кои разговаравме.
Овој вторник, на 19 ноември, од 20 часот во Скопје, премиерно ќе биде прикажан филмот „Утре наутро“ по сценарио и во режија на Јани Бојаџи. Станува збор за политичка драма во која се опсервирани луѓето кои ги носат одлуките и последиците од тие одлуки со кои се соочува целото општество. Филмот се темели на вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година, опфаќајќи и акцентирајќи го и 27 април 2017 година кога се случи упад во Собранието на Македонија, настан кој е познат и како „крвав четврток“.
Фото: Приватна архива
„Утре наутро“ е базиран врз вистинити настани
Накратко, две жени, млад лекар и сопруга на поранешен премиер, се обидуваат да избегаат од стегите на американската влада и европските дипломати, кои ја играат својата игра на моќ и тортура во една мала земја во источна Европа.
На пресконференцијата по повод премиерата на филмот, Јани Бојаџи подвлече дека центар на „Утре наутро“ се актерите и нивната човечност.
– Имав бескрајна среќа во филмот да имам актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и да се добри луѓе. Работевме седумдесет и пет дена и навистина беше исклучително задоволство да бидеме заедно- рече Бојаџи.
Во филмот е вклучена голема актерска екипа составена од врвни македонски актерски имиња, но и од успешни и талентирани актери од помладите генерации. Дел од екипата се Нина Деан, Ирена Трајковска, Кети Дончевска Илиќ, Васил Зафирчев, Горан Стојаноски, Бајрам Севеерџан, Владо Јовановски, Александар Микиќ, Жаклина Стефковска, Благоја Чоревски…
Фото: Приватна архива
Улогите на сестрата Тина и нејзиниот брат Борис, ги толкуваат младите актери Јана Никодиновска и Гоце Андонов.
Иако неодамна дипломира, фелата веќе го истакнува актерот Гоце Андонов како талентиран актер, а зборови на пофалба упати и режисерот Бојаџи за неговата улога во филмот.
– Секако дека ми значат многу таквите изјави, благодарен сум на пофалбите , особено од страна на Јани, но уште повеќе ми значи довербата што ми ја даде тој уште од почетокот на целиот процес. Добрите насоки, водењето низ приказната, како и слободата што ми ја даде е нешто што многу го ценам – вели Андонов.
Веста дека сум избрана на кастингот, ме затекна во автобус
Јана Никодиновска зад себе има веќе неколку филмски улоги, но вели дека снимањето на „Утре наутро“ било посебно искуство за неа. . – Иако не ми беше прва улога, овој проект ми помогна подобро да разберам колку е важна тимската работа и трпението на сет. Научив како да бидам посигурна пред камера и да ги слушам советите од Јани и многу поискусните актери – вели Никодиновска.
Таа раскажа дека за улогата во филмот е избрана на кастинг на кој се пријавиле уште 5-6 актерки. Според Никодиновска, кастинзите се одвивале во опуштена атмосфера и во ниеден момент не почувствувала страв или трема. Откри и дека, веста дека е избрана за улогата ја добила додека се возела во автобус, па не можела соодветно да изреагира односно во целост да ја искаже својата радост.
Никодиновска, како особено драгоцено искуство ја истакнува можноста, благодарение на овој филм да работи со познати и признати македонски актерски имиња.
– Соработував со актери кои додека растев ми биле идоли. Можете ли да го замислите чувството кое го имав?. Од сите актери ја имав максималната поддршка на сет и надвор од сет, кога имав трема, кога ќе го заборавев текстот, и кога едноставно ми требаше помош за да ја разберам сцената. Многу научив гледајќи ги и слушајќи ги нивните совети. Им благодарам на сите, целата екипа а осебно големо благодарам на Нина Деан која што во секој момент беше до мене – раскажа Јана Никодиновска.
Фото: Приватна архива
Начинот на кој Борис се бори за правдата, сѐ повеќе добива смисла
Борис, ликот кој го толкува Андонов, во еден момент во филмот, решава да ја земе правдата во свои раце. Актерот Андонов пронаоѓа сличности меѓу неговиот карактер и карактерот на ликот што го толкува и оправдува некои постапки на Борис.
– Дипломат сум по природа бидејки моите околности и приватни ситуации се помалку екстремни од тие на Борис, иако како што поминуваат годините, се случува животот со сите негови индивидуални и колективни неправди, сѐ повеќе и повеќе Борисовото земање на правда во свои раце ми има смисла. Имаме доста сличности во темпераментот, да им даваме хумористична нота на случувањата, потискањето по цена на мирот и импулсивното избувнување што доаѓа по цена на тоа, најчесто во најлошите моменти – вели актерот Гоце Андонов.
Тој вели дека за него претставувало предизвик да навлезе во улогата што ја толкува, но имал доволно време да направи анализа на ликот, да го исчита неколу пати целото сценарио и да ја сфати функцијата на ликот во целата приказна.
– Имав време да ги сфатам мотивите зад постапките, кои му се стравовите, реакциите, начините на одбегнување, љубовта кон книгите ( тоа многу ми помогна бидејки нечија омилена книга кажува многу за еден човек). Низ снимањето, импровизациите, и односите кои ги градевме со колешките Нина и Јана, сите разговарани работи ставени пред свршен чин, се редефинираа и добија сосема нова боја. Сетот беше жив, динамичен и честопати се адаптиравме на било какви надворешни околности – раскажува Андонов.
Фото: Приватна архива
Покрај помошта од страна на режисерот Бојаџи, во креирањето на ликот на Борис, на актерот Гоце Андонов многу му помогнала и неговата родена сестра.
– Околу возрасната разлика што ја имам со ликот, многу ми помогна и мојата сестра Александра, која во периодот на снимањето беше средношколка и ме доближи до тоа што значи да си тинејџер денес. Често се случува пред кастинзи и процеси заедно да го учиме текстот, нејзе ѝ е интересно и секогаш ужива, а и јас исто така – раскажува Андонов.
Фото: Приватна архива
Тина е многу побунтовна од мене
Заради семејната атмосфера во која живее, Тина, ликот кој го толкува актерката Јана Никодиновска, таа порано созрева и емоционално и интелектурално, а сепак преку дискурсто на дете ги разбира работите на свој начин. Откако нејзиниот татко е отстранет од власт, таа ги доживува сите лаги, мимикрија и зло што нејзините врсници и наставници ги истураат врз нив како деца на поранешни влијателни политичари.
– Тина е една тинејџерка која е остра на јазик, која е спремна да се бори за правдата и која си зела за задача да го чува брат ѝ Борис. Можам да кажам дека во некои моменти ја има Тина во мене, но таа е многу по бунтовна кога станува збор за решавање на некој проблем – раскажува Јана.
Покрај другото, ова снимање на филмот „Утре наутро“ и помогнало на Никодиновска да сфати дека најубаво се чувствува кога е на сет и дека не може да се замисли себе си да биде нешто друго, освен актерка.
Со оглед на тоа што актерите Јана и Гоце имаат чести дијалози во филмот, важна е меѓусебната помош и разбирање која влијае врз градењето на ликовите. Гоце Андонов, потврди дека добрата соработка со неговата колешка Јана, вродила со плод.
– Имавме многу добра соработка,а и приватно развивме братско-сестрински однос, па блиски сме и ден денес. Интересно беше дека со Јана уште од почетокот на снимањето лесно се разбиравме и секогаш многу се смеевме. Сетот не би бил ист без неа – вели Андонов.
Фимската уметност има извонредна моќ да влијае врз луѓето и врз општеството во целост од емотивен, когнитивен и културен аспект. Андонов смета дека таа моќ ја има и филмот „Утре наутро“
– Мислам дека овој филм може да донесе промени во погледите и ставовите на луѓето бидејки опфаќа широк спектар на теми и проблеми., Но, сепак останува да видиме какви ќе бидат реакциите по премиерата на 19 ноември. Најмеродавната оцена за филмот, како и секогаш, ќе ја даде публиката – завршува Андонов.
Освен долгометражниот филм „Утре наутро“ кој во вторник ќе ја има својата премиера, подготвена е и истоимена телевизиска серија во неколку епизоди.
В среда, на 19 ноември е премиерата на новиот македонски филм и ТВ-серија, „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, каде што една од улогите толкува и Роберт Вељановски. Најактуелниот момент во долгата професионална биографија на Вељановски е – директор на Драмски театар Скопје, но актерскиот предизвик секогаш му е своевиден „основен инстинкт“. Поради ангажманот на директор на театарска институција, смета дека е несоодветно да се наметнува и на сцената со која раководи, па „нетеатарските“ актерски предизвици, како филм и телевизија, на некој начин му претставуваат место за уметничка компензација. Иако првенствено актер, уметник, Роберт Вељановски смета дека културата има моќни аргументи за многу предизвици од политички вид, што ѝ се случуваат на Македонија последниве години во нејзините настојувања да стане дел од Европската Унија. Според него, македонската култура може, треба да биде и е моќна алатка и аргумент на македонската политика во процесот на евроинтеграциите.
Наскоро се очекува премиерата на филмот и серијата „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, каде што имате една од улогите. Вие, како актер, и Бојаџи како режисер, имате континуитет во соработката. Претходно, соработувавте и во серијата „Бистра вода“, прва македонска ТВ-серија по подолго време… Кога сте „внатре во приказната“, дали препознавате доволно енергија за создавање континуитет во продукција на македонски ТВ-серии, наместо тие да бидат „инцидентна појава“?
-Да, мојата соработка со Јани Бојаџи е континуирана од 2007 година и таа се одвива на повеќе полиња – во театар, на филм, на телевизија, но и на Универзитетот „Еуропа прима“.
Во Македонија енергија, но и знаење, за создавање на продукција на ТВ-серии и играни филмови очигледно дека има. Проблемот останува во делот на финансирањето. За жал. Од една страна, многу мал дел од македонските компаниите ја препознаваат шансата за сопствена промоција со спонзорства и донации во продукциите. Кога ќе ги погледнете одјавните шпици на сериите и филмовите што се снимаат во соседството јасно ќе ви стане за што зборувам. Не постои серија или филм во која со директно финансирање не се вклучени економски најмоќните компании на тие земји.
Од друга страна, нашата држава не е финансиски моќна да ги задоволи сите побарувања за снимање на серии и филмови. Од трета страна, сетете се како и зошто заврши проектот за играната серија „Македонија“, во кој беа вклучени и странски продукции и продуценти. Од четврта страна, континуитетот и квантитетот создаваат квалитет. Кај нас снимањето играна серија е инцидент, се случува еднаш на 4-5-7 години. Погледнете ја продукцијата во, на пример, Србија или Турција и споредете ја со нашата.
Да резимирам. Енергија, знаење и огромна желба има. Нема пари.
Накусо – која е приказната на „Утре наутро“ и која е „приказната“ на Вашиот лик?
-„Утре наутро“ е „приказна“ за настан што сите ние го живеевме во 2017 година. Филмот говори за судбините на засегнатите страни во тие настани. За оние што, буквално, безмилосно и брутално беа репресирани и без вина прогласени за виновни. Се разбира, овој филм нема документаристички пристап во раскажувањето на приказната, филмот е фикција, но, публиката експлицитно ќе ги препознае настаните и личностите.
Приказната на ликот што го толкувам во „Утре наутро“ истовремено е многу едноставна и многу комплицирана. Го играм братот на главната хероина, кој само поради личен интерес „заборава“ на сите морални вредности. Едноставно, го предава семејството. Ја предава сопствената сестра. Станува предавник. Ништо ново во македонската историја. Во онаа постарата и оваа поновата. Но, сѐ уште болна. И актуелна, за жал.
Не сметате ли дека е мала историската дистанца, дури и за фикција во вид на филм или ТВ-серија на она што речиси „вчера“ ни се случи и сè уште има влијание на политичката сегашност во Македонија? Или, како што велите, „многу едноставно и многу комплицирано“…
-Погледнато во историски контекст, можеби. Иако, според мене, веќе следното „утре наутро“ беше совршено јасно што се случи, зошто се случи и кон каде ќе заплови тој брод. Од друга страна, поминати се 8 години, тоа се два циклуса по 4 години. И, на крајот на краиштата, не постои уметност која е создадена само на рационално ниво, така што емоцијата што филмот ја носи со и во себе е апсолутно легитимно читање на тие настани. Дури и во случаи, а такви се разбира дека ќе има, кои не се согласуваат со „читањето“ на оваа приказна за 27 април.
Вие сте актуелен директор на Драмскиот театар Скопје, а таа функција ја извршувате по втор пат. Сепак, првенствено сте актер. Имате долгогодишно уметничко и „административно“ искуство на дејствување во културата. Каков е предизвикот да се гради уметничка кариера во македонскиот културен амбиент и истовремено да се влијае на културните политики?
-Да, јас сум прво актер. На македонската театарска и филмска сцена опстојувам повеќе од 34 години. Ова ми дава право да мислам дека знам што ѝ е потребно на македонската култура. Особено во делот на театарот. Кога станав прв пат директор во 2013 година, тоа повеќе беше од нужда, отколку од амбиција. И тогаш, кога ми беше понудена позицијата директор, самиот се соочив со една многу специфична ситуација. Имено, сите ние во театарот знаеме како треба и што треба да се прави, ама од една поинаква, удобна положба – јас ќе кажам како треба, ама друг да го сработи тоа. Тогаш, во 2013, тоа беше една од главните причини зошто ја прифатив функцијата. Ако знаеш, покажи како треба. И не можам да не констатирам дека функцијата директор влијае врз мојата работа како уметник. Како актер сега работам многу помалку. Ми фали сцената, ми фали публиката.
Но не дозволувам директорот Роберт Вељановски да формира репертоарна политика во театарот што го водам за актерот Роберт Вељановски. Точно, на секои две години си дозволувам по една улога, единствено за да не излезам од форма. Така што конкретниот одговор на вашето прашање е следниот: предизвикот е огромен, но нешто мора да трпи. Јас одбрав да му се посветам на театарот, а не на сопствената кариера како актер.
Живееме во еден историски миг, кога се чини дека секое дејствување се проценува низ одредена политичка призма. Колкаво е реалното влијание на политиката во создавањето култура во Македонија?
-Секој миг во живеењето на Република Македонија е историски. И да, во право сте. Секое дејствување на кој било чинител на општественото живеење се проценува низ одредена политичка призма. И тоа воопшто не е погрешно. Напротив. Но со едно сосема јасно разграничување. Едно е во културата да дејствувате од позиција на партиска политика, а друго да дејствувате од позиција на културна политика. Ако владата е збир на повеќе политички субјекти, сосема е нормално културната политика на таа влада да е збир од повеќе видувања за културата, збир од повеќе партиски политики за културата. Гледано од оваа перспектива нормално е да дејствувате во насока на афирмација на политиките на владата. Но тоа е дејствување од призма на културна, а не партиска политика. Значи, влијанието на владината политика во културата се однесува на главните стратегиски културни политики на владата. Во однос на програмата за работа и другите политики на една установа од културата – постојат органи на управување што самостојно одлучуваат во која насока ќе се движи установата. Овие политики се предмет на оценување на успешноста на работата на установата.
Од друга страна, колкава е моќта на културата да доведе до вистински одговори на политичките предизвици што ѝ се поставуваат на Македонија, во контекст на евроинтеграциите, а поврзани со националниот идентитет, македонскиот јазик, историјата…?
-Би рекол, огромна. Негувањето на сопствената култура е сигурно најдобриот одговор на политичките предизвици со кои се соочува современата македонска држава. Ние сме можеби по број мал народ, но македонската историја и култура се огромни. Тие многу јасно ги дефинираат разликите што нè прават различни од другите народи на Балканот. Националниот идентитет на Македонците е документиран многу пред создавањето на македонската држава. Затоа оркестрираните напади врз Македонија, барем во моментов, не се однесуваат на територијата, туку на нешто многу посуштествено, на обележјата на македонската култура. Негирањето на јазикот не е поради тоа што некому му пречи македонскиот јазик, него и онака го говорат не повеќе од 5-6 милиони луѓе на планетата, што се промили во однос на светската популација. Негирањето на јазикот е директна атака врз националниот идентитет. Некој сака да докаже дека ние всушност не сме ние, туку дека ние сме тие. Негирањето на историјата и историските факти се исто така обид за негирање на националниот идентитет, обид да се докаже дека ние Македонците сме дрво без корен и дека сѐ што нѐ обележува почнува од 1945 година.
Ако ЕУ е заедница на рамноправни народи, семејство на народи чиј идентитет и култура се многу јасно дефинирани, не ја разбирам потребата да бидеме дел од тоа семејство како аморфна маса, збир на луѓе без своја култура, историја и идентитет. Не ја разбирам и потребата на ЕУ да има таква држава за нејзин рамноправен член.
Оттука, македонската култура може, треба да биде и е моќна алатка и аргумент на македонската политика во процесот на евроинтеграциите.
Драмски театар на некој начин е градски бренд на Скопје. Одамна во јавноста се појавуваат гласишта за изградба на нов објект. Дури беа направени и проекти за нов дом на Драмски театар. Колку се реални таквите опции?
-Точно, од многу одамна Драмски театар е едно од култните културни брендови на градот Скопје. Нашата работа првенствено е наменета за скопската публика. Но уметноста што ја создава Драмски одамна ги има надминато територијалните граници на Скопје. Историски гледано, во бившата федерација, Драмски беше најпрепознатливата македонска театарска институција. Истото се случува и денес, Драмски е член на најпрестижната регионална унија на театри – РУТА. Оваа констатација целосно ни дава право да ја формулираме улогата на Драмски и како еден од најпрепознатливите македонски театарски брендови во регионот.
Што се однесува на самиот објект во кој функционира ансамблот на НУ Драмски театар Скопје, „гласиштата“ што стасале до вас се точни и многу реални. Уште пред 20-тина години е утврдено дека е нужно потребен нов објект за ансамблот на Драмски, затоа што објектот во кој и денес функционираме е монтажен објект изграден по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година. Пуштен е во употреба на 4 март 1965 година. Пред точно 60 години. Во почетокот се размислуваше за изградба на нова зграда за НУ ДТС како дел од Јавно приватно партнерство, беше подготвен проект, но и покрај неколкуте тендери за изградба немаше заинтересираност кај инвеститорите. По третиот пропаднат тендер беше одлучено македонската држава да инвестира во изградба на објект, кој ќе биде само театар. Беше подготвен проект, распишан тендер, тендерот беше успешно спроведен и завршен со постигната вредност од 9,5 милиони евра. Но по промената на власта во 2017 година, новата власт на СДСМ и ДУИ не го реализираше проектот. Проектот „Драмски“ беше само еден од низата што таа власт не сакаше да ги реализира. Зборувам за објектите на Струмичкиот театар (оставен како карабина), Турскиот театар во Скопје (оставен како карабина), Прилепскиот театар, Охридскиот театар… Со ова му е нанесена непоправлива штета и на ансамблот на Драмски, но и на целокупното културно живеење на Скопје и Македонија.
Еден од најважните мотиви повторно да ѝ се вратам на функцијата директор на НУ Драмски театар Скопје беше токму реафирмација на проектот за изградба на Драмски. Сакам да напоменам дека постои сериозна желба и посветеност не само кај мене, туку и кај предводниците на структурите на власта, Владата на Република Македонија и Министерството за култура и туризам овој проект да почне со реализација во блиска иднина.
Какви се уметничките амбиции со Драмски театар?
-Она на што напорно работиме во изминатите 18 месеци е збогатување на репертоарната политика на театарот со поголеми, побогати и поиздржани продукции. Се обидуваме да ја вратиме актуелноста на театарот работејќи претстави на теми што се актуелни во секојдневието. Притоа, поставуваме високи стандарди за одржување на едно сериозно уметничко ниво. Овие напори се во насока на враќање на публиката во театарот, но и на привлекување нова, млада публика, која ќе стане дел од нашето семејство во годините што се пред нас.
Паралелно вклучуваме една цела нова генерација на млади актери во репертоарот на театарот и внимателно ги следиме генерациите студенти што се на факултетите за драмски уметности со надеж дека ќе успееме да ги привлечеме најдобрите да станат дел од ансамблот на Драмски.
Посветено, со нашите партнери од РУТА, но не само со нив, работиме на меѓународна промоција на Драмски и на македонскиот театар и македонската култура. Се разбира, во овој контекст, зборуваме и за учество на реномирани меѓународни фестивали од натпреварувачки карактер.
Да се вратиме на почетокот од интервјуто: постои ли амбиција македонската продукција на ТВ-серии, како на пример „Утре наутро“ или „Бистра вода“ да им парираат барем на регионалните продукции на телевизиски серии?
-Имајте на ум дека регионалните продукции на телевизиски серии се многу релевантни и успешни на глобално ниво. Турската продукција има пазар од без малку 1 милијарда луѓе. Српската продукција има пазар со повеќе од 100 милиони луѓе. Така што кога говориме за парирање со регионалните продукции говориме за излегување на глобалниот пазар.
Иако по ниту една основа не сум вклучен во креирањето на политиките на продукциите (освен можеби консултативен, понекогаш ми испраќаат да дадам свое мислење за определено сценарио), јас искрено се надевам дека има амбиција. И би сакал да има. Ако сакате, дури и од најсебични причини. Телевизијата создава ѕвезди. Телевизиските ѕвезди продаваат билети во театарот.
Македонската актерка Ирена Илиевска блеска во центарот на новото филмско остварување „Утро наутро“ на режисерот Јани Бојаџи, чиишто премиерни проекции ќе ја запознаат домашната публика со нејзината најнова, досега најсложена улога. На 19 ноември во „Синеплекс“, гледачите ќе ја видат Ирена во ликот на Аида – Ромка, докторка и жена која секојдневно го предизвикува целиот систем кој ѝ стои на патот. Улога исполнета со тежина, со тишини и со неевидентни, но моќни отпори; улога каква што бара и храброст и длабока емпатија.
Подготовката за Аида ѝ донела бројни предизвици, меѓу кои и совладувањето на ромскиот јазик – чекор што Ирена го направила со посветеност, за да го прикаже ликот со целосна автентичност. Иако Аида е спротивна од она што Ирена е по природа, актерката открива дека токму во тој контраст ја нашла најголемата лекција: дека тишината може да биде најсилниот облик на отпор. Не мора секогаш да викнеш за да бидеш слушнат – понекогаш најмоќно зборуваат оние моменти кога одлучуваш да молчиш, но стоиш цврсто.
Во пресрет на премиерата на „Утре наутро“, филм кој веќе буди голем интерес кај публиката, Ирена Илиевска споделува дека силно ја чувствува тежината и значењето на ова остварување. Говорејќи за своите очекувања пред првото прикажување, таа вели:
„Морам да признаам дека со нетрпение ја очекувам премиерата на 19-ти Ноември во Cineplexx. Ова е филм кој со сигурност можам да кажам дека нема да остави никого рамнодушен, затоа што, меѓу другото, зборува за неправда, борба за достоинство, борба за идентитет, борба против дискриминација итн итн, а сето ова се теми кои публиката не само што ќе ги види во филмот, туку и длабоко ќе ги почувствува.“
Кога зборува за тоа како започнала нејзината патека кон улогата на Аида, Илиевска открива дека зад овој ангажман стојат труд, посветеност и длабока емотивна поврзаност со ликот.
„Се пријавив на аудиција, спремив материјал потребен за аудицијата, ги поминав првиот и вториот круг и така ја добив улогата. Сигурна сум дека ниту една актерка не би останала рамнодушна на ликот на Аида по читање на сценариото. Аида не е само лик во некое сценарио, Аида е симбол на многу жени, кои никој не ги слуша, дури и кога викаат, жени кои се исправаат на нозе, дури и тогаш кога биле срамнети со земја. Ме привлече нејзината тивка сила, нејзината тивка борба и фактот дека мора да биде храбра, дури и тогаш кога светот ја убедува дека нема право на тоа!“
При првото запознавање со сценариото, длабоко ја почувствувала тежината на приказната, но и силата што ја носи ликот на Аида.
„Најмногу ме погоди неправдата што оваа жена ја преживува. Оној момент кога системот кој треба да ја заштити, всушност ја обвинува. Ме погоди, за жал, вистината за општеството во кое живееме, фактот дека многу луѓе ја делат судбината на Аида, дури и денес во 21 -от век. Тоа беше најголемата „јадица“ во сценариото за која се фатив како актерка. Но, исто така читајќи го сценариото и работејќи на ликот, сфатив дека Аида не е само жртва на системот, туку истовремено е и борец, кој мора да најде сила во себе и да се издигне од пепелта, како феникс, што беше дополнително поголем мотив и желба за мене да ја оживеам таа жена во себе и да ја пренесам нејзината приказна на платно“.
Говорејќи за комплексноста на Аида и нејзината позиција во приказната, Илиевска со голема емпатија ја опишува борбата што ја носи овој лик — борба што оди многу подлабоко од личното.
„Борбата на Аида е пред сè човечка. Аида е образована жена, докторка, таа се трудела, учела и верувала во правда, за на крајот системот кој треба да ја заштити, да ја предаде. Во нејзиниот лик ќе се пронајдат многу обезправени, многу разочарани, предадени, дискриминирани и понижени. Аида се бори за достоинство, без патетика, и токму тоа ја прави голема, поголема дури и од цел еден систем!“
Во процесот на градењето на ликот, Илиевска отворено признава дека првичниот контакт со Аида не бил лесен, ниту непосредно близок. Токму спротивностите меѓу нив двете ја натерале длабоко да нурне во психолошките слоеви на ликот.
„Морам да признаам дека на почетокот ми беше дури и премногу далечна, туѓа. Таа нејзина тишина тогаш кога најмногу и се вика, тој нејзин начин на кој ги потиснува емоциите, тоа нејзино „бегство“ од ситуациите… се ми беше премногу различно и далечно од мене. Јас по природа сум поекспресивна, гласно се борам против неправдите во животот и не ги потиснувам емоциите. Морав да правам длабоки анализи за да влезам во нејзиниот свет и да разберам зошто молчи кога и се плаче и зошто не се брани кога е повредена. По кратко време ја засакав токму поради таа нејзина тишина и ми стана огромен предизвик да ја одиграм.“
Размислувајќи за патувањето низ кое поминала создавајќи го ликот, Ирена открива дека улогата не ѝ донела само актерски предизвик, туку и важни лични спознанија.
„Научив дека дури и тишината може да биде силна форма на отпор! Дека не мора секогаш да викаш гласно, за да те слушнат. Како и тоа дека достоинството на еден човек понекогаш тежи повеќе дури и од самата победа!“
Говорејќи за најпредизвикувачките моменти на снимањето, открива дека улогата на Аида барала и техничка подготвеност и длабока емоционална изложеност.
„Технички, не беше лесно да се совлада, за мене, сосема непознат јазик. Како емотивно најтешки, ќе ги одвојам сцената во судот и сцената на граница. Во првата, мораш да го почувствуваш моментот во кој никој не ти верува, а згора на тоа и целата вина паѓа на твои плеќи, мораш на своја кожа да ја почувствуваш неправдата која е поголема дури и од планина. А во втората сцена, кога од граница ги враќаат назад само ромите, мораш само со еден поглед да ја пренесеш вековната болка и судбина на цел еден народ! Тоа беше огромен актерски предизвик.“
Подготовката за ликот на Аида не подразбирала само емоционално влегување во нејзиниот свет, туку и совладување на цел еден нов јазик — процес кој, како што открива Илиевска, барал огромна дисциплина и посветеност.
„Токму така, голем дел од дијалозите во сценариото се на ромски јазик. Два месеци учев ромски. Сите актери кои игравме роми, имавме приватни часови, со цел да го совладаме јазикот и да бидеме поуверливи во толкување на ликовите. Не беше воопшто лесно, немав никакво познавање од јазикот. На еден час по ромски, го замолив Цирко, со кого учевме, да ми ги прочита сите сцени на Аида на ромски, а јас да го снимам. Потоа го слушав со денови на слушалки, за да ми влезе во глава јазикот, по интонација. Процесот беше тежок, но многу убав, искуството беше единствено и уникатно. Чувствував голема одговорност поради почитта кон јазикот, сакав секој збор да звучи автентично и се надевам дека успеав во тоа.“
Во процесот на учење ромскиот јазик, признава дека се соочила со природен страв, но дека успеала да го трансформира во мотивација за подобро разбирање на ликот.
„Секако дека имав страв. Дури и на почетокот само таа „пречка“ ја гледав пред себе, па дури откако ја совладав почнав да размислувам на ликот. Но, умешно успеав да го претворам стравот во нешто добро и да го гледам како предизвик. Тој ме натера да слушам повеќе говор на ромски, да слушам музика на ромски, да го пронајдам и научам ритамот на јазикот. Токму тој процес беше првото нешто што ме направи поблиска до Аида.“
Во филмот „Утре наутро“, Ирена Илиевска ја опишува улогата на Аида како судир со невидлив, но моќен антагонист — системот.
„Системот е најстрашниот антагонист, тој нема лице. Тој е толку голем како огромна планина исправена пред една жена по име Аида. Тој толку голем и моќен, а таа само една жена. Тој е корумпираниот судија во судница, тој е полицаецот кој не слушнал, не видел и не направил ништо, тој е новинарот кој молчел, тој е наставникот кој не учел, тој е докторот кој не лечел без поткуп, тој е бирократот итн итн… Тој, системот, е сите оние кои правно формално не прават ништо, а цело време дозволуваат и на тој начин прават неправди! Тој е огромен невидлив ѕид и најсилниот антагонист против кого сум се борела досега!“
Гледајќи ја суштината на филмот „Утре наутро“,ја истакнува комплексноста на неговите пораки и нивната важност за современото општество.
„Во добра книга, добра приказна, добро сценарио, добар филм… пораката никогаш не е само една, секогаш се неколку важни и силни пораки. Филмот повикува да ги отвориме очите, да прогледаме. Кога едно општество ќе замолчи пред неправдата на едни, утре истата неправда ќе им се врати како бумеранг и ќе им се случи на сите. Неправдата е една, нема „наша“ и „нивна“ неправда. Затоа треба да се бориме сите едни за други, без никакви разлики. Сите заедно против неправдите и злото, кое има исто лице за сите.“
Размислувајќи за тоа какво искуство сака да остави филмот кај публиката, Илиевска нагласува емоционалната димензија на „Утре наутро“ и важноста на чувството што го носиме со себе по завршувањето на приказната.
„Сакам да замине со чувство, да понесе со себе чувство. Повеќе отколку да си замине со мисла или прашање. Сакам да почувствуваат. Така ќе знам дека сме допреле до нив, дека сме сеуште живи и дека сеуште има нешто човечко во секого од нас.“
Размислувајќи за состојбата на актерството во Македонија, Ирена Илиевска ја истакнува и сложеноста на професијата, но и талентот и страста што ја носат новите генерации.
„Оваа професија е голем предизвик уште одкако се запишуваш на академија и никогаш не престанува тоа. Многу ме радува што на едно толку мало парче земја има толку многу талент, страст кон оваа професија и уметници кои сакаат да зборуваат искрено и гласно. Искрено верувам дека сме на одличен пат, кој веќе носи нов бран во Македонскиот филм.“
Погледот кон иднината на Ирена Илиевска носи внимателен пристап кон новите проекти, со желба за продолжување на личното и актерското надоградување.
„Аида бараше многу голема емотивна зрелост. Се што следува, си посакувам да ми биде само надоградување на тоа, и актерско надоградување и човечко. Има некои нови проекти на повидок, но да им дадеме време да созреат, па ќе ги дискутираме подетално во некое наредно интервју.“
Актерката Кети Дончевска-Илиќ игра една од главните женски улоги во новиот игран филм „Утре наутро“ на режисерот Јани Бојаџи, а нејзиниот лик е вистински предизвик за актерска креација.
Премиерата на новиот македонски игран филм „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи ќе се одржи на 19 ноември во „Синеплекс“ во Скопје. Станува збор за политички трилер што првично бил замислен како телевизиска серија, која за време на снимањето прераснала во игран филм. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија, кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени. Една од главните женски улоги во филмот ја игра актерката Кети Дончевска-Илиќ.
Се наближува денот на премиерата на филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи. Со каков предизвик ја прифативте улогата во филмот?
– Стабилна, стамена, цврста и одлучна личност, исполнета со огромна болка и тага беше исправена пред мене како лик во филмот. Личност на која животот и носел и ѝ носи само тешкотии и пречки што мора да ги надминува. Сериозен предизвик за актер, особено ако на сево ова го додадеме и фактот дека ликот припаѓа на друга култура возбудлива за истражување.
Со каква тематика се занимава филмот?
– Во фокусот на филмот се општествено-политичките прилики во Македонија. Како тие делуваат на обичниот човек, како го обликуваат. Како желбата за остварување на позиција на моќ, како и можноста да се постапува од позиција на моќ, нешто што стана сериозна дијагноза кај нас, влијае врз луѓето околу вас, врз вашето семејство првенствено, а потоа и врз пријателите, колегите, соработниците. Основата на филмот се четири жени и како тие, секоја од свој аспект, со сопствените предизвици што животот им ги носи, се бори со новонастанатите околности што некој друг им ги наметнал.
Со режисерот Јани Бојаџи соработувавте и во серијата „Бистра вода“. И во двете улоги ја играте мајката на главниот јунак. Во „Бистра вода“ бевте Вера. Која улога ја играте во „Утре наутро“?
– Во „Утре наутро“ ја играм улогата на Ајтен. Ромка, посветена на градење живот за себе и за своето семејство пркосејќи им на предрасудите и на стереотипите за нејзината култура и светот на кој таа „му припаѓа“. Жена која на многу болен и грозоморен начин (нејзината ќерка ќе биде силувана) ќе се соочи со бесполезноста на нејзините животни принципи и која би помислиле дека ќе се повлече, ќе се откаже од принципите, од начинот на живот кој го градела, но не, напротив, ќе влезе во уште поголема борба со системот за обезбедување на правда за својата ќерка.
Како течеше процесот на снимање на филмот и соработката со Јани Бојаџи како режисер и со колегите актери?
– Просецот течеше одлично. Јас веќе сум соработувала со Јани Бојаџи и можам слободно да кажам дека многу добро знам како тој работи, па во оваа нова филмска авантура од тој аспект влегов слободно и релаксирано. Впрочем, неговиот начин на работа е едноставен и релаксиран, во работата со него нема простор за притисок ниту при подготовките, ниту пак подоцна, за време на снимањето. Со дел од колегите актери веќе имав работено, со дел од нив не, но тоа не наметна некаков поинаков пристап или, пак, однесување. Со уживање, професионалност и посветеност целата екипа имаше влезено во процесот, што резултираше со прекрасно поминато време на креативност.
Колку зборувањето на ромски јазик во филмот беше пречка, а колку предизвик во остварувањето на улогата?
– За мене пречките не се нешто пред кое треба да се повлечам, односно кон истите секогаш се однесувам како кон нешто со кое треба да се изборам. Да, претставуваше сериозен предизвик зборувањето на ромски јазик, особено што до тогаш не сум знаела ниту еден збор, и да, во еден момент дури бев на мисла да се откажам, но емотивната приказна на Ајтен, нејзината борба, за мене беше толку голема и значајна која имав потреба токму јас да ја соопштам, особено кога сум добила можност за тоа. И токму нејзината приказна ме движеше напред во совладувањето на јазичниот предизвик.
Прес-конференција со режисерот, продуцентот и актерската екипа на филмот
Работите во Кумановскиот театар и често играте на театарската сцена. Што за театарските актери значи појавувањето во филм?
– Искуство плус. И предизвик плус. За актерот театарската сцена и филмската камера се различни медиуми. Повеќе од потребно е за актерот да има можност да ги искуси и двата подеднакво, ако за ништо друго, да си одговори самиот себеси каде што подобро се чувствува. Јас, на пример, иако филмот, телевизијата се медиуми кои овозможуваат поголема видливост за нашата работа, сепак повеќе си го сакам театарот, таму како полесно да дишам и тоа како да е моето природно опкружување.
Ама, ги сакам и филмовите затоа што тие носат мошне конкретен, прецизен начин на работа кој ве мобилизира на поинаков начин кој ви обезбедува трајност. А со оглед на малата филмска продукција исклучително сум благодарна што сум, воопшто, во можност моите актерски креации да бидат видливи и на филм.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 307, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.11.2025)
Аида е силувана, но на суд не ја добива својата правда – и од жртва се претвора во насилник. Јоана е прогонувана од корумпираната политичка елита со моќ, за дела што ги направила во минатото – и од насилник се претвора во жртва. Двете жени бараат доволно причини, едната да замине, а другата да остане во земјата, полни со надеж дека утре наутро ќе биде подобро од денеска!?
Вака некако се одвива приказната во политичката драма во најновото филмско остварување на македонскиот сценарист и режисер Јани Бојаџи, насловено „Утре наутро“ чија премиера е закажана за 19-ти ноември 2025 во киното Синеплекс.
„Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓи 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од нивните одлуки најчесто ги сносат и нивните како и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени“- ќе рече на неодамнешната прес конференција Јани Бојаџи, режисерот и сценарист на филмот.
Бојаџи подвлече дека филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност.
„Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и а се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно“ – рече Бојаџи и додаде дека во филмот има преку 75 актери.
Извршниот продуцент Дејан Милошевски објасни дека почнале да снимаат серија и кога ја завршиле серијата сфатиле дека имаат филм.
„Освен филмот ќе има и серија со пет епизоди од по 55 минути. Премиерата на филмот ќе се одрѓи на 19 ноември во Синеплекс, а од 20 ноември ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија, рече Милошевски и додаде дека во моментот имаат еден фестивал на кој ќе биде прикажан филмот.
Во филмот се говори на македонски, ромски и малку на англиски јазик. Актерите учеле ромски, имале наставници и актерките мошне добро го совладале јазикот што воопшто не се правела разлика кога говореле текстот на снимањето.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Нина Деан, Кети Дончевска Илиќ, Ирена Илиевска, Васил Зафирчев… кој се осврна на соработката со Бојаџи:
„По ТВ серијата ‘Бистра вода’ ова ми е втора соработка со Јани Бојаџи, но овој пат со малку поинаков предизвик. Се само што за прв пат се сретнавме со убавината на ромскиот јазик и што требаше да изградиме ликови кои носат некаков поинаков сензибилитет што е многу автентичен како што е ромската заедница, ромската култура, традиција, начин на размислување, дејствување…“ – смета Зафирчев.
„Ромите во филмот се прикажани како истакнати членови на општеството, образовани и се избегнува стереотипот на бедата и сиромаштијата“ – кажа Бајрам Северџан кој исто така толкува еден од главните ликови.
Не заборавете премиерата на „Утре наутро“ е е закажана за 19-ти ноември 2025 во киното Синеплекс.