Аида е силувана, но на суд не ја добива својата правда и од жртва се претвора во насилник: Дали „Утре наутро“ ќе биде подобро од денеска?

Аида е силувана, но на суд не ја добива својата правда – и од жртва се претвора во насилник. Јоана е прогонувана од корумпираната политичка елита со моќ, за дела што ги направила во минатото – и од насилник се претвора во жртва. Двете жени бараат доволно причини, едната да замине, а другата да остане во земјата, полни со надеж дека утре наутро ќе биде подобро од денеска!?

Вака некако се одвива приказната во политичката драма во најновото филмско остварување на македонскиот сценарист и режисер Јани Бојаџи, насловено „Утре наутро“ чија премиера е закажана за 19-ти ноември 2025 во киното Синеплекс.

„Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓи 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од  нивните одлуки најчесто ги сносат и нивните како и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени“- ќе  рече на неодамнешната прес конференција Јани Бојаџи, режисерот и сценарист на филмот.

Бојаџи подвлече дека филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност.

„Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и а се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно“ –  рече Бојаџи и додаде дека  во филмот има преку 75 актери.

Извршниот продуцент Дејан Милошевски објасни дека почнале да снимаат серија и кога ја завршиле серијата сфатиле дека имаат филм.

„Освен филмот ќе има и серија со пет епизоди од по 55 минути. Премиерата на филмот ќе се одрѓи на 19 ноември во Синеплекс, а од 20 ноември ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија, рече Милошевски и додаде дека во моментот имаат еден фестивал на кој ќе биде прикажан филмот.

Во филмот се говори на македонски, ромски и малку на англиски јазик. Актерите учеле ромски, имале наставници и актерките мошне добро го совладале јазикот што воопшто не се правела разлика кога говореле текстот на снимањето.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Нина Деан, Кети Дончевска Илиќ,  Ирена Илиевска, Васил Зафирчев… кој се осврна на соработката со Бојаџи:

„По ТВ серијата ‘Бистра вода’ ова ми е втора соработка со Јани Бојаџи, но овој пат со малку поинаков предизвик. Се само што за прв пат се сретнавме со убавината на ромскиот јазик и што требаше да изградиме ликови кои носат некаков поинаков сензибилитет што е многу автентичен како што е ромската заедница, ромската култура, традиција, начин на размислување, дејствување…“ – смета Зафирчев.

„Ромите во филмот се прикажани како истакнати членови на општеството, образовани и се избегнува стереотипот на бедата и сиромаштијата“ – кажа Бајрам Северџан кој исто така толкува еден од главните ликови.

Не заборавете премиерата на „Утре наутро“  е  е закажана за 19-ти ноември 2025 во киното Синеплекс.

Извор: ВИСТИНА

Јани Бојаџи за својот нов филм „Утре наутро“: Најтешки за снимање ми беа сцените со претресот на куќата на Јоана и нејзините деца – тоа го доживеав лично, на денот кога беше уапсен мојот татко

Познат по своите провокативни и длабоки лични филмови, режисерот Јани Бојаџи, повторно ја предизвикува јавноста со своето најново остварување „Утре наутро“ , кое во средината на јануари ќе ја има светската промоција во САД, на филмски фестивал во Њу Џерси.  Филмот инспириран од настаните поврзани со 27 април 2017 година, преку приказната за четири жени и едно момче отвара прашања за моќта, политиката, предаството и надежта.

Македонската премиера ќе биде на 19 ноември во Cineplexx, а плановите се филмот да се прикаже низ Македонија, секаде каде што ќе имам услови за киноприкажување.

Бојаџи зборува за личните мотиви зад сцените што ги доживеал на своја кожа, за границата меѓу документ и фикција, за женската сила во македонското општество и за неговата вера дека, и покрај сè, „утре наутро ќе биде подобро од денес“.

ЖМ: Кој беше тој внатрешен импулс што ве натера повторно да се навратите на 27 април 2017 година,  настан што уште е жив во нашата колективна свест. Што сакате публиката да понесе со себе кога ќе излезе од кино-салата?

– 27 Април е тема која допрва ќе се отвора, раскажува, преиспитува, ќе се негира или ќе се афирмира. Не е претерано да се каже дека 27 Април е еквивалент на 2 Август! Мене не ме интересираат судбините на малите луѓе. На маргиналците. Јас немам идентификација со селото, со гетото, со паланката. Јас сум градско дете. Јас сум човек на чаршијата. Мене во принцип како автор ме интересираат теми кои зборуваат за луѓе што имаат моќ. Луѓе кои имаат сила да носат одлуки кои потоа радикално ги менуваат нив, нивните, ама и нашите животи! Во Македонија, да не се лажеме тоа се политичарите и политиката. Никој друг во Македонија нема сила за големи промени. Позитивни или негативни. Сѐ е во рацете и умот на политичарите и политиката. Нема голема мистерија. После сѐ што направија политичарите во ова земја, колективната свест е сведена на колективна траума! Заради нив и нивните одлуки. Кои биле болни. Жестоки. Тоа биле одлуки кои создаваат рани. Големи и длабоки болки во душата на секој од нас. Или на најголем дел од нас. Во суштина филмот „Утре наутро“ е многу лесен за идентификација со секој пристоен човек со отворен ум. Филмот зборува за нас. За нашите животи. Секако, прикажани како индивудуални страдања на поединци и нивните семејства. Филмот е сол на рана. Јас сум свесен за тоа. Ама, не можам и не сакам да ја вртам главата на другата страна. Болката на душата нема да исчезне ако се игнорира. Филмот не може да ги промени луѓето. Но, филмот може да предизвика катарзис. Филмот може да те прочисти. Ако успеам кај поголем дел од публиката да предизвикам прочистување на телото и на душата, тогаш сите овие напори биле вредни и заслужувале да се помине се што стои на патот на создавањето на едно дело.

ЖМ: Вашите филмови секогаш имаат силен визуелен идентитет. Каде ја повлекувате линијата помеѓу документ и фикција?

– Во принцип сите мои филмови се докуфикција, односно приказна раскажана според реален, настан што се случил. Мене како автор најголем предизвик ми е да си играм не со вистината како факт самиот за себе, туку со начинот на кој ќе ја раскажам таа вистина. Во тој смисол филмот „Утре наутро“ во својата структура има документарност која заедно со Дарио Секуловски, директорот на фотографија, решивме да ја подражаваме преку визуелната нарација. Дарио буквално го сними филмот не како набљудувач, туку како карактер, како некој кој учествува во создавањето на приказната – а не во нејзино прераскажување преку подвижни слики. Но, она што навистина го прави филмот визуелно посебен беше нашата посветеност кон атмосферата, не само преку декоративното или светлото надвор од рамката, туку низ целиот дизајн. Не помалку време посветивме на изборот на локации, до изборот на бои во декорот и костимот, во настојувањето во екстериерите да снимаме само во определен период од денот. Наутро или попладне. Неверојатна работа заврши доајенот на мекедонската костимографија Зорица Тодорова. Силна и умна жена чија енергија и знаење навистина ми даваа сигурност во тоа што го правам како дизајнер на продукцијата.  Успеавме до крај да издржиме во преку седумдесет денови снимање. Тие што се бават со ова работа, знаат што значи седумдесет дена да не ја симнеш камерата од себе си. Секоја чест на ова мајсторија на Дарио, кој според мене е најдобриот кинематографер во неговата генерација.

ЖМ: „Утре наутро“ звучи како наслов што носи надеж, но и иронија. Колку филмот е ваша лична исповед, а колку огледало на нашето време?

– „Утре наутро“ е метафора во македонскиот јазик. И во балканските, речиси во сите. Кога на овој дел од светот ќе кажеш дека нешто ќе направиш “утре наутро“ тоа значи дека тоа нешто нема никогаш да се случи! Во суштина тоа е нашиот парадокс. Ние сме луѓе кои длабоко се сомневаме во тоа што го правиме денеска, па го оставаме за утре наутро. Ние сме луѓе кои се сомневаме дека иднината воопшто и постои како идеа на здравиот разум! Но, во филмот, надежта, односно идеата за тоа дека среќата ќе дојде утре наутро навистина е реална. Карактерите во филмот тоа не го кажуваат како неверување, туку како нивно лично убедување дека утре наутро ќе биде подобро од денеска. Тоа не беше лесно да се одигра. Напротив, беше ѓаволски тешка актерска задача. Да се убедиш прво себе си, а потоа и другите дека тоа што го кажуваш не е шега, туку вистина. Ме прави среќен начинот на кој тоа го направија Нина, Ирена, Кети, Јана, Гоце и Бајрам. Беше задоволство со тие прекрасни луѓе да се биде на сет речиси три месеци без ниту еден конфликт! Без ниту еден гест на незадоволство или лутина. Какво уживање беше ова снимање. Ме мачи прашањето како ова да го повторам на следниот проект. А колку е ова лична приказна? Јас во последните седум години освен што не бев во притвор или во затвор, фала му на Бог и добрите луѓе што ме сочуваа од тоа, поминав речиси се што поминаа сите оние луѓе кои беа директни учесници во настаните од 27 Април. Од Октомври 2018 година, после светската премиера на филмот “Ругање со Христос“ во Монтреал, против мене речиси 7 години се водеше (и сеуште се води, колку тоа да звучи неверојатно!) јавен, политички, обвинителски, судски и социјален прогон. За жал, во таа агонија го вовлеков и моето семејство. Доживеав страшни работи. Видов како полиција и обвинители се изживуваат врз моите возрасни родители. Видов сцени на претреси и тортури во куќата во која сум роден и израснат. Сцени кои никогаш нема да ги заборавам. Минав истраги, обвиненија за работи за кои не сум знаел дека постојат на овој свет. А не дека јас сум ги направил со намера. И со луѓе кои не сум ги сретнал во животот. Ме распитувале обвинители, полицајци, тајни агенти. Против мене воделе истраги во Словенија и Унгарија. Со години живеев во страв да не ме притворат на некоја граница и да ме напикаат во екстрадициски притвор. Ужас. Доживеав лудило и бес што не се опишува со зборови. Скоро дознав дека јас и моето семејство сме биле следени од полиција без да знам за тоа! Се шокирав кога човек кој бил дел од тој полициски тим ми раскажуваше за мојот живот погледнат од негова перспектива, на полицаец во цивил! Се видов во ликот на Бранислав Лекиќ од филмот “Професионалец“! Поминав пекол што никому не би сакал да му се случи. И преживеав. Ете, и после се, јас сеуште мислам дека “Утре наутро“ ќе биде подобро од денес!

ЖМ: Филмот се фокусира на четири жени и едно момче – структура ретко видена во македонската кинематографија. Зошто токму жените ја носат тежината на вистината и отпорот во вашата приказна?

– Кога сега ќе размислам, Никола Крстиќ, мој пријател и филмофил беше во право кога после првото гледање на “Утре наутро“ рече дека сите мои филмови во суштина се женски филмови! И да, во сите мои филмови жените се протагонисти, силни, самоуверени, борбени, умни и подготвени на се за да ги остварат нивните праведни цели. Со мажите во моите филмови е обратно. Во “Утре наутро“ ова ситуација на карактери е најрадикална. До сцена со кастрација на машки полов орган! Моето лично убедување е дека мажите во Македонија немаат чувство на грижа за семејството. А со тоа и за земјата и државата, ако сакате! Во Македонија мажите (маж сум и јас, па не се издвојувам себе си од таа приказна!) не можат да излезат од состојбата на нивната робовска свест создавана со векови! Македонците боледуваат од за жал многу тешко излечива болест, затоа што се работи за синдром. Тоа е синдром на слугување. Синдром на потчинување. Синдром на почитување на сопствените мачители и непријатели. Тоа во медицината се нарекува Стокхолмски синдром, но многу лесно може да се нарече и Македонски синдром! За жал, до сега, имавме несреќа со нас да управуваат политичари кои боледуваат од таа опака болест. И се што ни се случи како травма во овие години, сите погрешни одлуки и несреќи се последица на Македонци по род, мажи на извесна возраст, политичари болни од Стокхолмски синдром! Во оваа приказна на четири жени има и едно момче кое ќе помине низ пеколот на младоста и по цена на својот живот ќе ја одбрани честа на жените од неговото семејство. Тоа момче е мојата надеж дека нештата ќе се променат. Сакам да верувам во иднината. Сакам да верувам дека едно “утре наутро“ ќе донесе мажи подготвени на саможртва. Мажи подготвени на СЕ за своите семејства. Мажи кои робуваат единствено и само на љубовта и почитта кон тие што ги сакаат и почитуваат нив и нивните семејства. Љубов за љубов. Почит за почит. Тоа се едноставните правила на животот во кои јас верувам.

ЖМ: Дали тие жени се архетипови – мајка, љубовница, борец, сведок – или се конкретни, реални личности што сте ги запознале?

– О, да. Се работи за архетипови. Целосни архетипови. Архетипови кои ги надминуваат и тезите на Јунг. Јас сум роден и израснат во материјахално семејство. Во мојот живот мажите само го претставувале семејството. Со него управувале жените. На еден или на друг начин. Со едни или со други средства. Жените стоеле зад сите одлуки кои биле важни и ја детерминирале иднината на семејството. И секогаш, на крајот тоа било во интерес на мажите. Да не се лажеме, јас сум архетипот за тие мажи – претставители! Јас само го претставувам моето семејство. Па дури и себе си. Јас само се претставувам самиот себе си. Суштината за мене се создава и обликува од друг. Или од друга, како што е поточно да се определи. 

ЖМ: Како преку женскиот поглед се преиспитува машката моќ, политиката, и митот за хероизмот во македонското општество?

– За мене односите маж – жена во Македонија не се предмет на преиспитување. За мене ова е даденост. Ова е обреченост. Тоа е мојот стварен свет. Секој обид мажите да ја преиспитуваат таа космогонија води кон конфликти што создаваат катастрофи! Противењето на овој поредок води кон растурени семејства, пропаднати бракови, уништени односи родители и деца а на крајот и прогресија која го засега целото општество и државата. Машката моќ надвор од емоционалниот, надвор од еротскиот и сексуалниот чин е ризична работа! Секоја умна жена треба да биде многу внимателна во однос на тоа колку и каква моќ ќе му распредели на мажот што го сака! Без разлика дали тоа е нејзиниот татко, син, сопруг или пријател? Инаку, машкиот хероизам е само мит. Се согласувам и со тоа. И најчесто тој мит за машкиот хероизам е поврзан со некава борба, со некакво војување, со антагонизам кон други мажи, во најдобар случај. Што има херојско во тоа ако еден маж го врши тоа за што е создаден? Од Бог или од природата. Кој како сака. Мажот е дизајниран за да се бори. Чин на хероизам е да победиш во нешто што не ти е дадено. Чин на хероизам е победата на Давид над Голијат, затоа што на Давид не му било дадено да победи! Колку мажи во Македонија од втората светска војна наваму биле победници во социјален, ако сакате, дури и во политички смисол? Педесетина мажи, можеби? Од кои, речиси сите од тие педесет беа инволвирани во војната од 2001 и во настаните од 27 Април? Во политиката во Македонија мажите, посебно оние кои себе си се интерпретирале како лидери, како “алфа мажи“- на крајот, кога било најтешко и најважно да се издржи во таа борба ја напуштале “битката“! И бегале од военото поле! Некои од нив и во буквален смисол. Без никаква одговорност за тоа што оставаат зад себе си. А тоа секогаш било пекол, бол и бес истурен врз нивните семејства и нивните соборци.   

ЖМ: Кои беа најтешките сцени за снимање – не технички, туку емотивно?

– Реално, најтешки за мене беа сцените со претресот на куќата на Јоана и нејзините деца. Јас тоа го доживеав лично, на денот кога беше уапсен мојот татко. Некои од колегите, посебно актерите, кога ги снимавме тие сцени ме прашуваа да не е тоа можеби пресилно? Дали е можно обвинители и полицајци да бидат толку брутални? Мојот одговор беше дека вистината на филм секогаш изгледа нереално премногу! Но дека она што ние го правиме не е ниту една десетина од тоа како тие претреси изгледаат во стварноста. Лично најемотивна ми е сцената во која Јоана, пред децата, со тупаници по градите го брка од куќата нејзиниот роден брат – предавник, кој знаел се што се случува а криел од неа! Сите во нашите семејства после настаните од 27 Април доживеавме предавства! Ние се предадовме еден со друг. За жал, како и друг пат во историјата, за туѓи интереси. После 27 Април се предадоа брат со брат, сестра со сестра. Се одродија братучеди. Се оддругарија другари од детство. Соседи повеќе не си кажуваат добро утро. Тоа се последиците од одлуките на оние мажи за кои зборев погоре.   

ЖМ: Кои се плановите поврзани со промоција на филмот?

– Плановите се филмот да се прикаже низ Македонија, секаде каде што ќе имаме услови за киноприкажување. Да отидеме насекаде. Да ја споделиме нашата приказна со оние од кои е инспирирана. Искрено, важно ми е како нашата, уште поважно, како мојата публика ќе го види филмот? Ние не го снимавме ова за да се допаднеме на светот. За да се допаднеме на фестивалски селектори или жириа. Јас бев сосема на чисто дека овој филм нема да и се допадне на Европа, на западниот свет и на мејнстрим фестивалите. За разлика од нас македонците кои дозволуваме дома пред семејствата и децата да не понижува кој како ќе стигне, никој нормален по Европа или било каде по светот нема да прифати да отидеш кај него и да му кажуваш дека е лажго и нечесен! Тие од нас очекуваат да не силуваат а ние да им кажеме: “извинете што со нашата убавина ве предизвикавме да го направите тоа“! Тие очекуваат ние да се срамиме од она што го направиле, а не тие! Тие сакаат ние на себе си да ја превземеме нивната нечиста совест! Тие очекуваат од нас да се облечеме во гунчиња и опинци, да се посипиме со пепел, да дуваме во зурли, да удараме тапани и да играме оро пред нивните амбасади. Насмеани и без заби! Тоа е она што тие го очекуваат од нас. Посебно во светот на филмот. Јас немам потреба од тоа да правам филмови за да се допаднам. Не правам филмови за да се “свиѓам“ – ко што се вели во Скопје. Ниту во Македонија а ниту надвор. Но, знам, тоа веќе еднаш го доживеав, секој филм, секоја приказна ќе си ги најде своите гледачи. И во Македонија, и во Европа и во светот. И ете, филмот ќе ја има својата светска премиера во средината на јануари во САД на филмскиот фестивал во Њу Џерси. Многу се радувам што и овој мој филм својот пат по светот го започнува преку морето. Тие што ме знаат, знаат дека ова го кажувам искрено. Секој што ја почувствувал еднаш онаа состојба на нештата наречена Америка, секогаш ќе копнее по тоа пространство на слободата на духот. Се додека го има. До последен здив, како што за ова работа зборуваше Луис Буњуел.

Соња Алексоска Неделковска

Извор: ЖЕНСКИ МАГАЗИН

Премиера на филмот „Утре наутро“ на Јани Бојаџи на 19 ноември во Синеплекс

„Утре наутро“ е политичка драма во кој ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Мене живо ме интересира кои се луѓето кои ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓи 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носта најесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени, рече на денешната прес конференција Јани Бојаџи, режисер и сценарист на филмот.

Бојаџи подвлече дека филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност.

-Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и а се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно, рече Бојаџи и додаде дека преку 75 актери има во филмот.

Извршниот продуцент Дејан Милошевски објасни дека почнале да снимаат серија и кога ја завршиле серијата сфатиле дека имаат филм.

-Освен филмот ќе има и серија со пет епизоди по 55 минути. Премиерата на филмот ќе се одрѓи на 19 ноември во Синеплекс, а од 20 ноември ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија, рече Милошевски и додаде дека во моментот имаат еден фестивал на кој ќе биде прикажан филмот.

Нина Деан толкува една од главните улоги и рече дека си посакала да има голем лик и и се сотварила желбата.

-Задоволна сум од целото искуство. Кога го градев ликот тргнав од аспект на жена и што се и се случува неа, без  разлика која е, чија сопруга е. Имавме одлична соработка со колегите и се надевам дека сите ќе го видите филмот онака како што го правевме, рече Деан.

Ирена Илиевска има исто така една од главните улоги и посочи дека ова и е прва соработка од овој тип и улогата и била предизвик каков што немала досега.

-Ја играм Аида Мерџановска, Ромка по националност, докторка и за потребите на ликот учев ромски јазик, долго време се подготвував. Се плашев бидејќи не го познавав јазикот и денес од оваа дистанца гледам дека тоа беше најмал предизвик. Аида се бори со цел систем и тоа беше најголемиот предизвик-да ја научам како се игра кога  антагонистот ви е целиот систем, рече Илиевска и ги покани сите на премиерата на филмот.

Во филмот се зборува на македонски, ромски и малку на англиски јазик. Актерите учеле ромски, имале наставници и актерките мошне добро го совладале јазикот што воопшто не се правела разлика кога говореле текстот на снимањето.

Кети Дончевска Илиќ ја толкува улогата на сопруга на Бајрам Северџан, а Аида и е ќерка.

-Јас цел живот играм на македонски јазик и навистина беше голем предизвик за мене да глумам на ромски. Кога ги учев репликите после пробите во неколку наврати сакав да се откажам. За актер кому му е природно да глуми на свој мајчин јазик навистина беше сериозен предизвик, но истовремено беше убав предизвик и ми е драго што не се откажав, особено што поминав прекрасен процес, запознав прекрасни луѓе со кои досега не сум работела и мислам дека завршивме одлична работа, рече Дончевска Илиќ и потенцираше дека особени и е драго што женските ликови во филмот се особено силни и доминантни, сигурни во себе, знаат што сакаат и не се откажуваат.

Васил Зафирчев исто така говори ромски на филмот и рече дека е навистина среќен поради филмот бидејќи како што рече толку малку се снима што бескрајно се радува на секој нов обид кој резултира со реализација на нов проект.

-По тв серијата „Бостра вода“ ова ми е втора соработка со Јани Бојаџи, но овој пат со малку поинаков предизвик. Се само што за прв пат се сретнавме со убавината на ромскиот јазик и што требаше да изградиме ликови кои носат некаков поинаков сензибилитет што е многу автентичен како што е ромската заедница, ромската култура, традиција, начин на размислување, дејствување…Предизвикот беше дотолку поголем што толкувам лик кој се вика Рустем и кој станува некаква референтна точка на оваа парадигма која е земена за наслов на филмот. Односно некаква светла точка за тоа дека навистина е можно утре да биде подобро. Тој е претставник на ромската заедница која успева да изгради успешна кариера во Италија и сите позитивни искуства се обидува да ги пренесе во Македонија, каде формира мала задруга за производство на органско овошје и зеленчук. Една убава, светла приказна, така што ликот на Рустем  станува персонификација на разумот, на стабилноста, на лојалноста, на вербата и на некој начин станува утеха на главната хероина во сите премрежја со кои се соочува, рече Зафирчев и подвлече дека најсилната порака на филмот е колку сите ние сме дел од тие процеси и колку секој од нас низ своите индивидуални постапки може да ја чини таа глобална слика.

Ромите во филмот се прикажани како истакнати членови на општеството, образовани и се избегнува стереотипот на бедата и сиромаштијата, раскажа Бајрам Северџан кој толкува еден од главните ликови.

-Токму тоа ми беше голем поттик и задоволство за да го толкувам ликот во овој филм. Сакам да истакнам и дека многу сум среќен што колегите навистина го совладаа ромскиот јазик, бидејќи бев скептичен кога го читав сценариото. Што се однесува до сценариото исто така сум многу задоволен со сите измени кои се направија за правдината да излезе на крај на еден многу елегантен начин, рече Северџан.