Актерката Кети Дончевска-Илиќ игра една од главните женски улоги во новиот игран филм „Утре наутро“ на режисерот Јани Бојаџи, а нејзиниот лик е вистински предизвик за актерска креација.

Премиерата на новиот македонски игран филм „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи ќе се одржи на 19 ноември во „Синеплекс“ во Скопје. Станува збор за политички трилер што првично бил замислен како телевизиска серија, која за време на снимањето прераснала во игран филм. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија, кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени. Една од главните женски улоги во филмот ја игра актерката Кети Дончевска-Илиќ.

Се наближува денот на премиерата на филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи. Со каков предизвик ја прифативте улогата во филмот?

– Стабилна, стамена, цврста и одлучна личност, исполнета со огромна болка и тага беше исправена пред мене како лик во филмот. Личност на која животот и носел и ѝ носи само тешкотии и пречки што мора да ги надминува. Сериозен предизвик за актер, особено ако на сево ова го додадеме и фактот дека ликот припаѓа на друга култура возбудлива за истражување.

Со каква тематика се занимава филмот?

– Во фокусот на филмот се општествено-политичките прилики во Македонија. Како тие делуваат на обичниот човек, како го обликуваат. Како желбата за остварување на позиција на моќ, како и можноста да се постапува од позиција на моќ, нешто што стана сериозна дијагноза кај нас, влијае врз луѓето околу вас, врз вашето семејство првенствено, а потоа и врз пријателите, колегите, соработниците. Основата на филмот се четири жени и како тие, секоја од свој аспект, со сопствените предизвици што животот им ги носи, се бори со новонастанатите околности што некој друг им ги наметнал.

Со режисерот Јани Бојаџи соработувавте и во серијата „Бистра вода“. И во двете улоги ја играте мајката на главниот јунак. Во „Бистра вода“ бевте Вера. Која улога ја играте во „Утре наутро“?

– Во „Утре наутро“ ја играм улогата на Ајтен. Ромка, посветена на градење живот за себе и за своето семејство пркосејќи им на предрасудите и на стереотипите за нејзината култура и светот на кој таа „му припаѓа“. Жена која на многу болен и грозоморен начин (нејзината ќерка ќе биде силувана) ќе се соочи со бесполезноста на нејзините животни принципи и која би помислиле дека ќе се повлече, ќе се откаже од принципите, од начинот на живот кој го градела, но не, напротив, ќе влезе во уште поголема борба со системот за обезбедување на правда за својата ќерка.

Како течеше процесот на снимање на филмот и соработката со Јани Бојаџи како режисер и со колегите актери?

– Просецот течеше одлично. Јас веќе сум соработувала со Јани Бојаџи и можам слободно да кажам дека многу добро знам како тој работи, па во оваа нова филмска авантура од тој аспект влегов слободно и релаксирано. Впрочем, неговиот начин на работа е едноставен и релаксиран, во работата со него нема простор за притисок ниту при подготовките, ниту пак подоцна, за време на снимањето. Со дел од колегите актери веќе имав работено, со дел од нив не, но тоа не наметна некаков поинаков пристап или, пак, однесување. Со уживање, професионалност и посветеност целата екипа имаше влезено во процесот, што резултираше со прекрасно поминато време на креативност.

Колку зборувањето на ромски јазик во филмот беше пречка, а колку предизвик во остварувањето на улогата?

– За мене пречките не се нешто пред кое треба да се повлечам, односно кон истите секогаш се однесувам како кон нешто со кое треба да се изборам. Да, претставуваше сериозен предизвик зборувањето на ромски јазик, особено што до тогаш не сум знаела ниту еден збор, и да, во еден момент дури бев на мисла да се откажам, но емотивната приказна на Ајтен, нејзината борба, за мене беше толку голема и значајна која имав потреба токму јас да ја соопштам, особено кога сум добила можност за тоа. И токму нејзината приказна ме движеше напред во совладувањето на јазичниот предизвик.

Прес-конференција со режисерот, продуцентот и актерската екипа на филмот

Работите во Кумановскиот театар и често играте на театарската сцена. Што за театарските актери значи појавувањето во филм?

– Искуство плус. И предизвик плус. За актерот театарската сцена и филмската камера се различни медиуми. Повеќе од потребно е за актерот да има можност да ги искуси и двата подеднакво, ако за ништо друго, да си одговори самиот себеси каде што подобро се чувствува. Јас, на пример, иако филмот, телевизијата се медиуми кои овозможуваат поголема видливост за нашата работа, сепак повеќе си го сакам театарот, таму како полесно да дишам и тоа како да е моето природно опкружување.

Ама, ги сакам и филмовите затоа што тие носат мошне конкретен, прецизен начин на работа кој ве мобилизира на поинаков начин кој ви обезбедува трајност. А со оглед на малата филмска продукција исклучително сум благодарна што сум, воопшто, во можност моите актерски креации да бидат видливи и на филм.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 307, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.11.2025)

Извор: Слободен печат